Српската Влада соопшти дека донела нови мерки кои во понеделникот беа предложени од Кризниот штаб за заштита на здравјето на населението од Ковид-19, кои стапуваат на сила во недела, на 20 декември.
Новите мерки се однесуваат за влез на домашните и на странски државјани во Србија.
-Имајќи ги предвид новогодишните и божиќните празници, се очекува традиционално поголема фреквенција на луѓе на сите гранични премини. Со цел спречување на ширењето на коронавирусот, раното откривање на заразените лица и заштита на здравјето на жителите на Србија, владата донесе решение со кое е дозволен влез во Србија само со негативен ПЦР тест, не постар од 48 часа, се наведува во соопштението од српската влада.
Во него се додава дека граѓаните на Србија кои немаат негативен ПЦР тест, мора да бидат во домашна изолација 10 дена. Тие можат да се тестираат во Србија и ако нивниот ПЦР-тест е негативен, повеќе нема да имаат обврска да бидат во домашна изолација.
-Од денес цената на тестирањето на лично барање за странските државјани е 18.000 динари (153 евра), додека за српските граѓани цената до крајот на годината изнесува 6.000 динари, а од 1 јануари 2021 година цената на тестирање на лично барање за домашните државјани ќе биде 9000. динари (76 евра) , соопштија од Владата на Србија, од каде апелираа до сите граѓани кои сакаат да бидат тестирани по лично барање да закажат тестирање исклучиво електронски.
Премиерот Зоран Заев рече дека имаат разбирање за одлуката на Србија да го стави во мирување Меморандумот за патување без ПЦР тестови што го склучи со Северна Македонија и Албанија.
Тој верува дека договорите ќе бидат вратени до крајот на јануари.