Од денеска повеќе не е на сила тридневната жалост во Србија, која беше прогласена поради двете масовни убиства. Но и денеска ќе биде тажен ден, се погребуваат четири деца.
Тие беа убиени на 3 мај во ОУ „Владислав Рибникар“ во Врачар, кога во нив пукал нивниот соученик, тринаесетгодишниот Коста Кецмановиќ. Убил осум деца и еден чувар, а седум од нив ранил.
Речиси веднаш по тој училишен масакр, ноќта меѓу 4 и 5 мај, Урош Блажиќ уби осум лица, а рани 14 од нив во Младеновац и околината.
Поради овие трагични настани, државата воведе низа нови ригорозни мерки, кои се однесуваат на контрола на поседувањето оружје, како и мораториум за издавање нови дозволи. Исто така, се повикуваат сите кои нелегално поседуваат какво било оружје од денеска да го предадат на МУП и за тоа нема да сносат никакви последици.
По истекот на рокот од еден месец, кој им беше даден, ги очекуваат драконски казни.
Сите ученици во Србија од денеска се враќаат на редовна настава, освен основното училиште во Врачар, местото на големата трагедија. На влезот во основното училиште „Владислав Рибникар“ има четворица полицајци, а вратата од училиштето ја отвораат само вработените.