Во Србија аларм поради црниот пантер кој шета низ шумите, а во Македонија никој не знае каде завршија лавовите!

by fokus

Допис од ЈП ,,Војводина шуми” деновиве бил доставен до голем број на општини во околината на Апатин, како и до ловни друштва и во полициската станица Апатин, а во кој се алармира дека во околината е забележан див ѕвер, црн пантер кој е доста опасно животно, па се бара граѓаните да бидат внимателни, и доколку го забележат пантерот веднаш да пријават во полиција.

Околу тоа како завршило едно диво егзотично животно во соседна Србија, според претпоставките на тамошните инспекциски служби, се работи за предатор кој илегално бил чуван во Унгарија, па затоа неговото исчезнување не било пријавено. Животното најпрвин било забележано, но и снимено во близина на Унгарската граница со Србија, по што се претпоставува дека дошло и во Србија. Во Унгарија биле пријавени неколку случаи кога нападнало стока.

Во атарот на Сонта ловочувари ги забележале неговите траги, поголеми од човечка дланка, и викендов локални ловни друштва планирале да организираат хајка на пантерот.

Во Македонија сличен случај со илегално внесување на диви животни беше забележан во септември, минатата година. Тогаш социјалните мрежи беа преплавени со фотографии од мали лавови, со кои позираа лица од Скопје и Куманово.

Од здруженијата за заштита на животните во земјава се бараше итна истрага, бидејќи според закон, само зоолошките градини во Македонија можат да внесат во земјава диви животни кои се заштитени со закон.

Лавовите со кои се фотографираа скопјани и кумановци, во тој период беа млади, на околу три-месечна возраст, а загрижените граѓани прашуваа што ќе биде со нив кога ќе пораснат.

Набргу откако ,,Фокус” ја објави веста за лавовите во Македонија, од МВР известија дека едно лице на возраст од 31 година од Куманово било приведено поради сомнение за кривично дело „неовластено ловење, чување и отуѓување на диви животни“, а поврзано со случајот со малите лавчиња.

Информираа дека извршиле и претрес на три локации во Куманово, со кумановецот бил извршен службен разговор, и била поднесена кривична пријава против него, но детали околу тоа дали се пронајдени младите лавови – не беа објавени.

Подоцна, на прашање на ,,Фокус” дали се пронајдени лавовите, колку се на број и каде се сместени, од МВР кратко ни одговорија дека не се пронајдени.

Што се случи со нив и каде се наоѓаат дивите животни, кои сега би требало да имаат повеќе од една година, но и тежина од околу 200 килограми, нема одговор.

Дали евентуално шетаат низ македонските шуми, останува отворено прашање.

Инаку, лавовите се опасни предатори кои најчесто ловат ноќе, додека во тек на ден мируваат.

Сомнежот дека можеби слободно се движат низ нашите шуми останува, а минатиот месец загрижени велосипедисти реагираа до ,,Фокус” дека покрај регионалниот пат Неготино – Штип, на Серта, забележале делови од раскината дива свиња.
Прашуваа какво диво животно би можело да нападне и раскине дива свиња, а според одговорите на ловџии со кои разговаравме, во земјава нема диво животно кое би можело да нападне и убие дива свиња, бидејќи е крупно и многу брзо животно со тежина од околу 150 килограми.

Вики Клинчарова

Поврзани новости