Првите сто училишни ранци, опремени со комплет училишен прибор, кои како донација на првачиња од социјално загрозени семејства ќе ги подари музичарот Мики Тралала од Кавадарци се подготвени. Истите ќе бидат поделени на малите ученици во тек на денешниот и утрешниот ден, а акцијата е во спомен на Тања Манџунков (33), сопруга на Мики, со која тие заедно настапуваа како дуо Тања и Мики Тралала, а која ја изгуби битката со тешката болест пред два месеца.
Музичарот јавно се заблагодарува на сите хумани граѓани кои се вклучиле во акцијата, која тој ја започна со цел да го продолжи делото на неговата сопруга, која беше позната како голем хуманист во градот, и зад која останаа повеќе хуманитарни акции за помош на сограѓаните.
Сите кои донирале сакале да останат анонимни, а и самиот Мики за ,,Фокус” изјави дека опремата ќе стигне во вистинските раце, односно таму каде е најпотребна, но нема да ги фотографира и да објавува фотографии со првачињата.
-Да се донира без да се фотографира! Да не ги изложуваме оние на кои им е потребна помош пред јавност, доволно е да знаеме дека сме направиле добро дело, вели музичарот.
Идејата за донација на училишни ранци и опрема ја добил минатата недела, кога му купил ранец на неговото синче кое на први септември ќе биде прваче. Случјано на социјалните мрежи забележал фотографија од учениче кое книгите ги носи во ќеса, и помислил како неговата сопруга Тања би реагирала.
-Знам дека и Тања ќе направеше нешто слично, посебно сега, кога нашето синче тргнува во прво одделение и ова е голем настан во животот на секое дете. Да беше жива, сигурно дека и таа ќе иницираше некоја слична акција. Истата ја започнав во нејзин спомен, благодарен сум на граѓаните кои самоиницијативно решија да се приклучат и да подарат ранец, благодарен сум и на медиумите кои допринесоа веста да се прошири на ниво на цела држава. Иницијативата продолжува, овојпат со донирање на топла облека и обувки за дечиња од социјално загрозени семејства, порача Мики.
Вики Клинчарова