„Во спомен на љубовта за Данче“ е насловот на јубилејниот хуманитарен концерт закажан на 6-ти октомври во НОБ, во чест на 10-годишнината од смртта на еден од највлијателните македонски музички менаџери и продуценти, Даниел Милошески – Данче.
-Неговата работа и посветеност ги поставија темелите на современата македонска музичка сцена, а неговата енергија, посветеност и неуморна работа ќе останат како инспирација за сите кои се дел од музичката индустрија.
Во негова чест и со единствена цел да се одбележи наследството што го остави, со почит и благодарност за сѐ што направи за домашната музика на 6-ти октомври во НОБ ќе пеат: Ареа, Агни Авшар, Ана и Стефан Петановски, Бени и Нон стоп, ДНК, Златно славејче, Николче Мицевски, Поп арт бенд, Пајак и Лара, Слаткаристика и други.
Комплетниот приход од овој проект ќе биде дониран за здружението Асоцијација за цистична фиброза- информираат од организацијата на настанот.
Милошески почина ненадејно на 44-годишна возраст. Заедно со неговиот брат Бобан беше сопственик на најголемата македонска продукциска куќа Авалон.
Првиот концерт го организирале во 1993 година, а во нивна организација се одржаа концерти на големи музички имиња – Боб Дилан, Били Ајдол, Дип Парпл, Симпл Мајндс, последниот концерт на Ејми Вајнхаус и многу други.
-Делото и името на Данче засекогаш ќе живеат во срцата на сите што го познаваа и соработуваа со него, а нека живее и идејата да им се помогне на оние на кои им е потребна помош.
Влезниците се пуштени во продажба од денес преку продажната мрежа на Мктикетс и чинат 1.000 денари, информираат од организацијата.
Вики Клинчарова