Се интензивира дијалогот меѓу работните групи што беа договорени на крајот на јануари меѓу Северна Македонија и Бугарија, со цел враќање на довербата и надминување на разликите меѓу двете земји. Во Софија утре ќе се одржи состанок на работната група за инфраструктура, додека в петок е редовниот состанок на експертско ниво, согласно договорената динамика на билатерални преговори за т.н. пакет на политички прашања меѓу двете министерства за надворешни работи.
Премиерот Димитар Ковачевски, пак, вчера изјави дека и од Скопје и од Софија зависи дали позитивната енергија ќе биде преточена во конструктивен дијалог.
Премиерот Ковачевски, во однос на состанокот в петок за отворените политички прашања, рече дека доколку се постигне напредок, прифатлив за двете страни врз основа на европски вредности и почитување на двете страни, тогаш МНР тоа ќе го соопшти.
– Доколку се постигне напредок, прифатлив за двете страни врз основа на европски вредности и почитување на двете страни, како на државите, така и на граѓаните, тогаш МНР тоа ќе го соопшти на ист начин како што министерот за надворешни работи имаше обраќање во Комисијата за надворешни работи, од неколку часа, каде ги образложуваше основните поставки на разговорите што се водат, изјави Ковачевски.
Тој се осврна и телефонскиот разговор со неговиот бугарски колега Кирил Петков кој се интересирал за два инцидента што се случиле и тоа едниот во врска со искинати венци на гробот на Гоце Делчев и за искршено стакло на бугарскиот Културен центар во Битола. Ковачевски го информирал Петков дека МВР согласно регуларните процедури ги прави сите истражни работи за првиот случај, а вториот е инцидент мотивиран од приватни причини.
Инаку, состаноците на работните групи меѓу двете земји, ќе продолжат со најавеното темпо – четири пати до пет пати во месецот ќе се среќаваат делегации на двете земји за да разговараат за прашања од инфраструктурата, образованието, културата, евроинтеграциите, историјата. Овој месец преговорите продолжуваат преку комисиите, при што денеска ќе се одржи состанок на Работната група за инфраструктура, на 14-ти ќе се состане Работната група за евроинтеграции, потоа на 21-ви Работната група за образование и на 28 февруари, состанок ќе има Заедничката комисија за историски прашања, и како што вели шефот на дипломатијата Бујар Османи, четири пати ќе разговараат за иднина, а еднаш за историја.
Двете влади формираа четири работни групи – за економија, трговија и иновации, за инфраструктура, транспорт и поврзување, за европска интеграција и зелени политики и за култура, наука и образование. Историските прашања ќе ги разгледува веќе постоечката Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања. Планирано е секоја недела состанок да одржува една од овие групи, кои секоја во својата сфера ќе придонесе за зајакнување на соработката меѓу двете земји.