По изгласувањето на заклучоците за францускиот предлог во македонското Собрание и одобрувањето на предлогот од страна на македонската Влада, Северна Македонија по 17 години ќе ги отпочне претпристапните преговори со Европската Унија.
Меѓувладината конференција, според најавите, ќе се одржи во вторник во Брисел, а премиерот Димитар Ковачевски најави дека отварачката изјава ќе ја прочита на македонски јазик.
Денеска во Софија ќе биде потпишан и билатералниот протокол меѓу Северна Македонија и Бугарија, а претходно состанок ќе одржи меѓувладината комисија на кој ќе присуствува министерот за надворешни работи Бујар Османи. Протоколот, според најавите, ќе биде јавно објавен по неговото потпишување.
Премиерот Димитар Ковачевски по вчерашната владина седница на која беше одобрен францускиот предлог оцени дека со ова се заокружува уште еден објективно историски чекор за нашата земја.
– Ја имам честа да го најавам датумот за првата Меѓувладина конференција, која треба да се одржи веќе наредната недела, на 19 јули, во Брисел. Потоа, Европа ќе биде во Скопје, а Република Северна Македонија во Брисел, со полн капацитет, со пристап кон фондови, со пристап кон знаења, вистински принципи и најважно вредности, кон кои се стремиме и ги посакуваме. И сето тоа, врз идентитет, кој ќе се гледа континуирано во сите европски центри. Ве повикувам на заедништво, на верба, на позитивен пристап, на оптимизам, изјави Ковачевски на прес-конференцијата.
Уште еднаш порача дека македонскиот јазик е загарантиран и дека нема да се преговара за идентитетските прашања.