Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата на денешната седница треба да ја продолжи дебатата за предлозите за избор на судии на Уставниот суд на Република Северна Македонија.
Вчера попладнето членовите на Комисијата ја завршија распрвата за предлогот за судија во Уставниот суд Татјана Васиќ Бозаџиева, третиот од вкупно девет кандидати.
За предложената кандидатка за уставен судија вчера зборуваа главно пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ кои, изнесуваа тези зошто таа не треба да биде избрана на оваа функција, а еден од аргументите беше дека таа е блиска до владејачката СДСМ.
Пратеникот Панчо Минов кој е дел од парламентарното мнозинство во реплика на еден од говорниците од ВМРО-ДПМНЕ побара од опозицијата да не ги омаловажуваа кандидатите за судии туку да се фокусираат на изборот на уставни судии со цел Уставниот суд да профункционира во полн капацитет.
Пратениците досега ја утврдија кандидатурата на граѓанскиот судија во Апелациониот суд во Скопје Фатмир Скендер, а по завршувањето на расправата за Васиќ Бозаџиева, која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство, треба да ја разгледаат биографијата и на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески како предлози од владејачките партии.
Од шестмината кои се предлози од ВМРО-ДПМНЕ, досега е одбиена кандидатурата на универзитетската професорка Родна Живковска. Предлози на опозицијата се и универзитетскиот професор Саво Климовски, судијата во пензија Бранко Секуловски, судијката од Управниот суд Весна Јовановска, обвинителот Тодор Витларов и Војислав Димовски јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид.
Уставниот суд повеќе од една година работи во нецелосен состав. Од предвидените девет члена на четворица им е истечен мандатот.