Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје изработи извештај за квалитетот на работата на Собранието во периодот од мај до август, 2017 година. Според нивниот извештај, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ биле најактивни во дебатите, но сепак собраниските дебати не биле доволно аргументирани. Нивното соопштение ви го пренесуваме во целост:
Според политичката припадност на говорниците од набљудувањето во овој период произлегува дека пратениците од опозицијата, која е составена од ВМРО-ДПМНЕ, Движење БЕСА и ДПА, беа поактивни со 80% од дискусиите, додека пратениците од мнозинството, составено од СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците, учествуваа во 20% од набљудуваните дискусии.
Најактивни пратеници кои на собраниската говорница се задржале најдолго се Димитар Стевананџија со 236 минути, Драган Данев со 233 минути и Илија Димовски со 221 минута од набљудуваните седници.
Во 35% од анализираните дискусии пратениците немаа аргументи. Повеќе од половина од дискусиите се карактеризираа со слаба аргументираност (55%) односно говорниците понудиле слабо образложение на своите позиции, кое не е доволно да се смета за еден целосен аргумент.
60% од дискусиите водена од страна на пратениците од власта е слабо аргументирана. На иста линија повеќе од половина од дискусиите на пратениците од опозицијата се карактеризира, исто така, со слаба аргументираност (54%).
Во однос на тоа како пратениците одговараат на упатени аргументи од страна на други говорници произлегува дека тие најчесто (61%) делумно се осврнуваат, ги извртуваат или игнорираат аргументите. Во 10% од случаите аргументите на другите говорници беа целосно игнорирани, а во 3% целосно извртени.
Анализирано според политичката припадност на говорниците, произлегува дека пратениците од опозицијата во 65% од нивните излагања само делумно се осврнаа, , а делумно ги извртуваа или игнорираа аргументите на другите говорници. Пратениците од власта тоа го направија во 46% од набљудуваните дискусии. Пратениците од опозицијата во 11% од дискусиите ги игнорираа аргументите упатени од други говорници, додека пратениците од власта тоа го направија во 4% од нивните излагања.
Повторно, како и во сите досегашни периоди на набљудување на квалитетот на парламентарната дебата, кај пратениците останува константна непроменливоста на ставовите и позициите поради подобри аргументи на соговорниците.
Пратениците почесто се осврнуваат кон личноста на нивните колеги отколку кон нивните аргументи.
Во 36% од дискусиите говорниците искажаа делумно почитување кон аргументите, додека делумно почитување кон личноста на пратениците е искажано во дури 70% од дискусиите. Тоа значи дека пратениците во голем дел од дискусиите беа коректни, но во помал дел не одолеаа да вметнат подбивни или поблаги навредливи изрази и напади кон личноста или аргументите на своите колеги од спротивните политички опции.
Се зголеми учеството на жените во работата на Собранието. На пратеничките отпаѓаат 40% од набљудуваните дискусии.