Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците денеска ќе одржи јавна расправа на тема: „Анализа и утврдување на потребата за изменување на законската регулатива со цел зајакнување на безбедноста во сообраќајот“.
На седницата се поканети претставници од Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, судии, јавни обвинители, невладини организации, медиуми и останати општествени чинители.
Иницијативата за јавната расправа следува по случајот на Фросина Кулакова, 22-годишна девојка од Неготино која на 29 јануари беше прегазена на пешачки премин на бул. „Партизански Одреди“ од страна на 20-годишниот Васил Јованов од Скопје. На 20-годишниот скопјанец осомничен за смртта на Фросина му беше определена мерка притвор од 30 дена, а за него и претходно имало кривични пријави за друга сообраќајна незгода и за недозволена употреба на дрога.