Во склоп на Зоолошка градина Скопје на површина од 2000 м2 ќе се простира новиот Дино Парк со сите придружни елементи- патеки, зеленило, билетара, тераса и дел за одмор.
-Дино Паркот ќе има два влеза, влез од внатрешноста на зоолошката градина и влез од североисточната страна. Патеките ќе бидат изградени од обработен камен, а постојното зеленило ќе се дополни со ново, изјави градоначалникот Петре Шилегов.
Во склоп на Дино паркот ќе има 41 диносаурус во природна големина, со синхронизирани движења, дишење, трепкања, проследени со звуци.
Ова ќе биде прв Дино Парк на Балканот каде што ќе има толкав број на диносауруси, како и едукативна содржина за секое од овие праисториски животни.
-Токму поради тоа очекуваме да биде туристичка атракција и да ја збогати туристичката понуда во Скопје. Посетителите во Дино Паркот, во природна големина ќе може да ги видат најпознатите праисториски животни како Т-Рекс или попознат како Тираносаурус, Стегосаурус, Овираптор, Алосаурус, Анкилосаурус, Трицераптор, како и интересни интерактивни поставки со повеќе мали диносауруси. Овој тематски парк со забавно- едукативен карактер ќе пружа уникатна забава и едукација за сите возрасти, а отворањето е планирано за следната година, изјави директорот Ѓорѓи Галетановски на денешната прес конференција.