Од скопската Зоолошка денеска информираа дека на 16 годишна возраст угинал лавот Жика.
„Со големо жалење и тага ве информираме дека денеска на 16годишна возраст не напушти нашиот лав Жика, кој во Скопје беше дојден од зоолошката во Белград. Лавовите во природа живеат од 10 до 14 години, а нашиот Жика имаше 16“, велат од ЗОО-Скопје.
Додаваат дека лавот Жика со оглед на длабоката старост, изминатата година почнал да развива тумороидни израстоци на повеќе места на телото, за кои што во февруари со целосен тим на професори и ветеринари од Факултетот за ветеринарна медицина беа извршени хируршки интервенции и истите биле отстранети, но изминатите два дена состојбата се влошила и веднаш било реагирано од страна на тимот на ЗОО Скопје, заедно со тимот на ветеринари од Факултетот за ветеринарна медицина.
„Сите заедно направивме се што можевме, лавот примаше терапија, но за жал не издржа. Секогаш грациозен, со својата величествена грива го привлекуваше вниманието на сите посетители. Го сакаа и децата и возрасните, а најмногу вработените. Ова е голема загуба за сите нас“ – додаваат од ЗОО – Скопје.