Над стотина градоначалници и голем број претставници на меѓународни организации учествуваа на Годишниот самит на Глобалниот парламент на градоначалници што денеска се одржа под домаќинство на Градот Скопје, насловен „Моќни, инклузивни и грижливи градови: Обезбедување на демократија и развој со генерациите кои доаѓаат“.
Претседателот Стево Пендаровски во неговото обраќање, осврнувајќи се на изградбата на Скопје после земјотресот од 1963 година, рече дека Скопје не е ни прв, ни последен град погоден од катастрофа, но дека прв пат во историјата, обновата на еден разурнат град прерасна во меѓународна солидарност без преседан.
„За жал, 60 години подоцна, визијата за Скопје како град на иднината сѐ повеќе изгледа како недостижна цел. Повеќедецениската централизација на услугите и нерамномерниот регионален развој во државава ја забрзаа миграцијата кон Скопје и доведоа до пренаселеност. Како и многу други градови во светот и Скопје се соочи со брза и непланска урбанизација, агресивна бетонизација, узурпација на јавниот простор и намалување на зелените површини. Рапидната урбанизација ја зголеми и социјалната нееднаквост, меѓу елитните квартови и маргинализираните острови на сиромаштија кои постојат во истиот град. Прашањето со кое се соочуваме е: како да се обнови довербата меѓу самите граѓани кои живеат во градот, од една страна, и меѓу граѓаните и нивниот град, од друга“, посочи Пендаровски.