Една од најдобрите пицерии во Европа, според ,,50 Top pizza”, и годинава е скопскиот пица-ресторан ,,Мато Наполетано”, зад кој стојат творците Зоран Васиљевиќ и Дане Кузмановски. Минатата година за прв пат Скопје беше поставено на европската гастрономска мапа, кога ,,Мато Наполетано,, се најде на 41-то место на ,,50 Top pizza”, за што во Милано им беше доделено признание. Годинава пак, како што за ,,Фокус” раскажува Васиљевиќ, успеале да се искачат до високото 25-то место и многу се горди на постигнатиот успех.
Веста дека во Скопје функционира една од најдобрите пицерии во Европа ја објавија голем број на регионални медиуми, ставајќи акцент на високиот скок на скопската пицерија за само една година.
Според Васиљевиќ, тоа е резултат на нивната посветеност на работата, креативност, но и желбата за нови знаења и постојано надградување.
-Не тргнавме водени само од желбата за профит, сакавме првенствено да понудиме добри пици. Оценките кои ги добивме за нашата пицерија се од страна на анонимни меѓународни инспектори и се однесуваат на целокупниот производ, значи на пицата, на услугата, хигиената, атмосферата…
Драго ни е што нашиот труд е награден со едно вакво, значајно признание, што го промовираме Скопје на еден ваков начин. Први сме на меѓународниот водич за храна, станавме на некој начин гастро италијанска амбасада. Сите се добредојдени да ги вкусат нашите пици, кои ги изработуваме со максимална посветеност и многу љубов – вели тој.
Со ланското и годинашното признание на ,,Мато Наполетано” за прв пат македонски угостителски локал се најде на ,,50 Top pizza”, во друштво на престижни европски локали. Пицеријата се наоѓа на улица ,,Дебарца” 2А Скопје.
Вики Клинчарова