Ако се обидев да пренесам масло од хашиш преку граница и тоа го преставев како лек неопходен за моето здравје, ем ќе ми го одземеа маслото, ем ќе ми поднесат пријава, а може да завршам и во затвор за производство.
Со описот како е во Македонија, истражувачот од Канада, Рик Симпсон, ја претстави ситуацијата во многу држави низ светот. Македонија кон марихуаната има третман каков што имаат и другите држави во регионот.
Токму затоа учесниците на првата отворена конференција за лековитото значење на канабисот во Скопје викендов поставија дилема дали воопшто е неопходно марихуаната да остане забранета и да не се користат легално нејзините лековити својства.
Симпсон е жив пример како го излеквал канцерот на кожата, а неговиот рецепт, кој слободно го нуди, го искористиле илјадници луѓе низ светот. Поголем дел имале позитивен ефект. Затоа од конференцијата испрати порака дека властите во сите држави, вклучително и Македонија, е неопходно да се соочат со вистината дека лековитите својства на канабисот се поважни од продавањето марихуана нелегално низ улиците.
– Државата нема да ми дозволи да внесам канабис на македонска територија со образложение дека мора да си ги штити граѓаните од таквите како мене, но тоа го прави за да може да заработуваат поедници. Ако канабисот ви го престават како забранет и опасен, како и што впрочем прават, тогаш корисниците ќе мораат да го купуваат од црниот пазар, кој пак е под контрола на моќници кои секако сакаат лекот да остане забранет, за да имаат дел од нелегалната проджба – анализира Симпсон.
Сакајќи да ја престави како безопасна и лековита, Симпсон ѝ дава предност на марихуаната пред алкохолот и хемиските препарати. Затоа не му е јасно како може производство на масло ос канабис да биде нелегално, а производство на силни лекови во фармацијата да биде легално. Направи споредба со негови познаници кои во обид да неутрализираат канцер се изложиле на хемотерапија, додека тој користел масло. Објави дека речиси никој не се извлекол од хемиската терапија, за разлика од природната со хашишово масло.
Неговото предавање го слушаа околу 300 присутни во една од поголемите кино сали во „Сине плекс“. Организатор на настанот беше здружението “Зелена Алтернатива“ со поддршка на организацијата на Симпсон. Тој во Скопје беше заедно со тим научници кои со децении се посветени на канабисот. Пред и по предавањата во Скопје тие се во Белград, Љубљана, Загреб и други центри во регионот.
Неговите тврдења ги поткрепи универзитетскиот професор Лумир Ондреј Хануш. Тој е од Чешка, но предава во Израел. 40 години е посветен на истражувањата. Сакаше да потврди дека неговите резултати за лековитите својства не може да ги негира ниту една научна установа затоа што тој има откриени преку 15 илјади состојки на канабисот, што го прави најважен истражувач.
Пренесе дека пред 50 до 60 години никој не ни сакал да ја забрани марихуаната, ниту пак можел. Се користела во медицински цели, а ја имало во избоилие насекаде. Откако и е откриено лековитото дејство власите побрзале да ја стават под контрола и да профитираат.
– Нема цивилизација или древна држава која не користела канабис како лек, материјал за производство или храна. Дури имало цели медицински третмани со канабис. Иако маслото е антибактериско и има моќ да лекува, сепак фармацевтите не сакаат да веруваат во евтини лекови, односно сакаат да им престават на пациентите дека многу инвестираат за да можат да им продаваат скапи апчиња. Јас ви гарантирам дека за овие 40 години, ако ништо друго, имам утврдено дека, марихуаната подобрува апетит, го подобрува сонот, заштитува од стрес и ги чува нервите. Зарем е потребно уште? – праша Хануш.
На конфернцијата зборуваа и други начуници, а публиката имаше можност да поставува и прашања. Како генерален заклучок произлезе дека ако канабисот се спореди со алкохол и со цигари е чудесна билка која овозможува здрав живот.
Што се однесува до законските прописи, прво ќе мора некој да се откаже од профитот, па потоа да се декриминализира марихуаната. Во општества како македонското тоа ќе биде навистина тешко, до граница на невозможно.
А конференцијата ја имаше таквата улога, да едуцира, да предупреди како да се третира и да го демистифицира канабисот.