Во северно Косово запленети 272 апарати за ископување криптовалути

by Fokus

Косовската полиција претпладнево заплени 272 апарати за ископување на криптовалути во село во близина на Лепосавиќ, област на северот од земјата населена со српско население, јави дописникот на МИА од Приштина.

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља преку својата страница на Фејсбук информира дека во акцијата, која поминала без инциденти, е уапсено едно лице.

Свечља најави дека таквите акции ќе продолжат и во иднина, до целосното спроведување на одлуката на косовското Собрание и Влада за забрана на ископување криптовалути.

– Утрово, на барање на Царината, Полицијата на Косово организира акција за откривање и запленување апарати за ископување криптовалути. Во оваа акција во близина на селото Требица во општина Лепосавиќ беа запленети 272 такви апарати и е уапсено едно лице. Целата акција се изведе и се заврши без инциденти. Ваквите акции ќе продолжат до целосното спроведување на одлуката на републичкото Собрание и Влада, напиша Свечља.

Поврзани новости