Припадниците на антидиверзантската единица на МУП на Србија денеска уништија рачна бомба која беше пронајдена на 14 јуни во нишкото село Хум.
Како што дознаваме, експлозивната направа со голема разорна моќ ја пронашол локален жител при вршење работи на терен.
– Човек косел ливада на местото наречено Хумска Чука, кога видел бомба во тревата. Веднаш ја известил полицијата која го обезбедувала местото каде е пронајдена експлозивната направа. Денеска во Хум пристигнале припадници на МУП обучени за ракување со овој тип на убојни средства и безбедно го уништиле – велат соговорници запознаени со овој случај, пренесуваат српските медиуми.
Засега не се знае од каде дошла рачната бомба на ливадата ниту кога стигнала таму.
Не е исклучена можноста некој, не знаејќи што да прави со неа и не сакајќи да ја предаде на полицијата, да решил да се ослободи од неа на ова зафрлено место.