Претседателот Стево Пендаровски е против законските измени со кои се предвидува зголемување на работната недела од 40 на 60 часа за потребите на конзорциумот „Бехтел и Енка“ кој треба да ги гради коридор 8 и коридор 10д. Според него ова е најспорната одредба од законските измени на 8 закони кои ги предложи Владата до Собранието.
-Ме зачудува зошто таква одредба е ставена, можеби нема да издржи на крај. Уставниот суд имаа одлука пред неколку месеци дека работна недела подолга од 40 часа е неуставна. Прилично неодговорно од Владата повторно да го предложи тоа – рече тој во интервју за Сител.
Во врска со конзорциумот тој рече дека се работи за компанија со висока репутација, а дека од локалните власти зависи дали проектот ќе го следат сомнежи за корупција и злоупотреби.
„Бехтел е фирма со репутација од 125 години, таа е во првите 10 градежни компании во светот со децении. Неколку негативни искуства што ги имаше во земјите од регионот се исклучоци од правилото на оваа врвна светска компанија. Овие исклучоци, кај што има злоупотреби и криминал, се случуваат кога ќе наидеш на локални авторитети кои се податливи за тој тип на муабет – рече тој.
На прашање дали се сомнева во нашите локални авторитети, тој одговори дека во секое жито има какол.
„За сега не се сомневам но сакам процесот да биде кристално чист, инаку во секое жито има и какол. Јас сум апсолутно убеден дека и кај нас и во мојот кабинет има луѓе кои не се баш по почитување на законите. Но додека тоа не се докаже можеме само да шпекулираме. Огромен е износот на инвестицијата, така што добро е што доаѓаат фирми со таква репутација“, рече претседателот.