За прв пат во историјата на САД извршена е смртна казна за транссексуално лице. Станува збор истовремено и за првата егзекуција во САД во 2023 година.
Амбер Меклафлин е погубена со вбризгување летална инекција во централната сојузна држава Мисури. Локалните медиуми пишуваат дека таа била сместена во одделот за мажи во затворската единица.
Меклафлин (49) беше осудена на смрт за убиство на својата поранешна девојка, извршено во предградие на Сент Луис во 2003 година – пред таа да го промени полот. Таа не можела да ја поднесе разделбата и и се заканувала на жената.
Еден ден Меклафлин ја чекала својата поранешна девојка пред нејзината работа во близина на реката Мисури и ја убила со кујнски нож.
Во 2006 година поротата ја прогласи за виновна, но не можеше да се договори за висината на казната. Судијата потоа ја осуди Меклафлин на смрт.
Мисури и Индијана се двете американски држави каде судиите имаат право да изрекуваат смртна казна кога поротата не може да донесе едногласна одлука за тоа.
Адвокатите на Меклафлин побараа од гувернерот на Мисури, републиканецот Мајк Парсонс, да ја замени смртната казна во доживотна, тврдејќи дека тоа е пресуда на едно лице. Откако беше избран на функцијата во 2018 година, Парсон не одобри ниту едно барање за помилување. Ниту овој пат не го стори тоа, иако на повиците се приклучија голем број познати личности, меѓу кои и двајца демократски претставници од Претставничкиот дом на Мисури.