Во САД четврти пациент излечен од ХИВ

by Fokus

Американски лекари ја информираа јавноста дека човек кој живее со ХИВ од 1980-тите е излекуван, што е четврти ваков познат случај.

На 66-годишниот пациент му била трансплантирана коскена срцевина за лекување на леукемија од донатор кој е природно отпорен на вирусот. Мажот, кој не сакал да биде идентификуван, престанал да ги зема лековите за ХИВ.

Тој рекол дека е исклучително благодарен што вирусот повеќе не е во неговото тело, пренесува Би-Би-Си. Човекот е познат како пациент „Град на надежта“, по болницата во која се лекувал во Дуарте, Калифорнија.

Вирусот на хумана имунодефициенција (ХИВ) го оштетува имунолошкиот систем на телото. Toa може да доведе до СИДА (синдром на стекната имунодефициенција), а телото се бори против инфекцијата.

– Кога ми беше дијагностициран ХИВ во 1988 година, како и многу други, мислев дека тоа е смртна казна. Никогаш не мислев дека ќе го доживеам денот кога повеќе нема да имам ХИВ, рекол излечениот маж.

Но, тој не примал терапија поради ХИВ, туку затоа што на 63-годишна возраст се разболел од леукемија. Медицинскиот тим што го лекувал одлучил дека му е потребна трансплантација на коскена срцевина за да ги замени неговите канцерогени крвни зрнца. Случајно, донаторот бил отпорен на ХИВ.

Вирусот навлегува во белите крвни зрнца на телото користејќи микроскопски врати – протеин наречен CCR5. Сепак, некои луѓе, вклучително и донаторот, имаат CCR5 мутации кои го спречуваат ХИВ.

Првиот човек излекуван од ХИВ е Тимоти Реј Браун, попознат како „Берлинскиот пациент“. Тој беше излекуван во 2011 година.

Поврзани новости