Кремљ денеска ја отфрли идејата за одобрување странски вакцини против Ковид-19 во Русија, иако властите се трудат да ги поттикнат сонародниците, кои имаат сомнеж кон руските производи, да се вакцинираат.
– Имаме наши вакцини, ги имаме четири, зарем тоа не дава можност за избор?, праша портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков пред новинарите.
Тој истакна дека „засега не се разгледува“ прашањето за одобрување на употребата на странски вакцини во Русија.
Европската агенција за лекови (ЕМА) го разгледува барањето за одобрување на руската вакцина Спутник В во земјите на ЕУ.
Песков нагласи дека взаемното признавање на вакцините меѓу ЕУ и Москва е „на дневен ред“, но преговорите се уште не почнале.
– Засега нема конкретни резултати, но секако треба да разговараме, додаде портпаролот на Кремљ.
Русија е зафатена од трет смртоносен бран на Ковид-19, кој брзо се шири поради многу заразниот делта сој, а вакцинацијата на граѓаните е бавна. Земјата денеска потврди нов рекорд со 791 починат во изминатите 24 часа.