Во Русија приведена новинарката на Радио Слободна Европа Алсу Курмашева

by Fokus

Руско-американската новинарка Алсу Курмашева, која работи за Радио Слободна Европа (РСЕ), е приведена во Русија под обвинение дека не се регистрирала како „странски агент“.

Курмашева во моментов се наоѓа во притворско одделение, информираа од Комитетот за заштита на новинарите.

„Алсу е високо ценета колешка, посветена сопруга и мајка на две деца. Таа треба итно да биде ослободена и да се врати на нејзиното семејство“, изјави претседателот на РСЕ, Џефри Гедмин.

Претставник на рускиот интернет портал ОВД-Инфо вели дека Курмашева најверојатно набрзо ќе биде пренесена во друга притворска единица пред судење.

Таа е втора американска новинарка која е приведена во Русија последниве месеци. Претходно затворен беше и Еван Гершкович, новинар на Волстрит Журнал кој се наоѓа во притвор од март под обвинение за шпионажа.

Курмашева, која живее во Прага, влегла во Русија на 20 мај поради здравствени проблеми кај член од семејството, велат од Комитетот за заштита на новинарите. Таа била привремено притворена на аеродромот во Казан на 2 јуни, пред нејзиниот повратен лет, и ѝ биле конфискувани и нејзиниот американски и руски пасош, а добила казна поради тоа што не го пријавила американскиот пасош кај руските власти. Оттогаш таа не можела да ја напушти земјата и чекала враќање на нејзините пасоши, кога на 18 октомври добила информација за новото обвинение.

„Алсу е приведена само поради тоа што е вработена во Радио Слободна Европа. Всушност, сега секој независен новинар во Русија ризикува да му се случи истото“, вели една нејзина колешка која барала да остане анонимна, пренесува Комитетот.

Доколку е прогласена за виновна, Курмашева може да добие максимална казна до пет години затвор.

Новинарството не е злостроство и притворот на Курмашева е уште еден пример дека Русија е одлучна да го задуши независното новинарство“, велат од Комитетот за заштита на новинарите.

Новинарката пишувала за прогонот на етничките малцинства во Татарстан и Башкортостан, особено за напорите да се заштити татарскиот јазик, иако руските власти го засилиле притисокот врз Татарите последните години, велат од РСЕ.

Поврзани новости