Во Русија почна гласањето на претседателските избори: Путин очекува најголема победа досега

by Fokus

Руските гласачи утрово почнаа да излегуваат на гласање, за тридневните претседателски избори. Актуелниот претседател Владимир Путин очекува најголема победа досега, а со оглед дека нема конкуренција, тој ќе добие уште еден шестгодишен мандат на власт. Гласањето во најголемата земја во светот започна со отворање на избирачки места на рускиот Далечен Исток.

Изборите во земјата што опфаќа 11 временски зони ќе траат до недела навечер, кога последните избирачки места во Калининград на Балтичкото Море се затвораат во 20 часот по локално време. Веднаш потоа се очекуваат првите прогнози. Руските државни агенции за истражување на јавното мислење веќе прогнозираа дека 71-годишниот Путин, кој е на власт речиси четвртина век и бара петти мандат, ќе добие повеќе од 80 отсто од гласовите. Тоа би бил неговиот најголем резултат досега.

Путин има тројца формални ривали, што на изборите им дава привид на кредибилитет. Но, тие не само што немаат шанса, туку имаат и про-Кремљ политички ставови и обично го поддржуваат Путин. На кандидатите кои се изјаснија против војната на Путин во Украина им беше забрането да се кандидираат.

Изборните набљудувачи од Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) не беа поканети да ги набљудуваат изборите. Москва го проценува бројот на гласачи во Русија на 112 милиони, но таа бројка всушност вклучува 4,5 милиони луѓе во окупираните делови на украинските региони Доњецк, Луганск, Запорожје и Керсон. Покрај тоа, два милиони Руси кои живеат во други земји имаат право на глас.

Поврзани новости