Во тек на вчерашниот ден, за само пет часа, односно од 11 до 14 часот, при контрола на подрачје на Општина Струмица, биле санкционирани дури 42 лица кои управувале возило без возачка дозвола.
Како што информираат од МВР, од Секторот за сообраќајни работи при Одделот за униформирана полиција- Биро за јавна безбедност и Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата, вчера спровеле акциска контрола на подрачје на општина Струмица за санкционирање на возачи кои не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.
-При контролата се санкционирани 89 возачи, и тоа 42 за управување на возило без возачка дозвола, 6 санкции за возачи што управувале моторни возила со изминат рок на важност на сообраќајната дозвола, 13 за непрописно вградени фолии (затемнети стакла), 5 возачи без лекарско уверение (јавен превоз-такси возачи), а одземено е и едно моторно возило нерегистрирано повеќе од 6 месеци. На сите прекршители изготвени им се соодветни поднесоци- известија од МВР.
Од денес пак, како што известија од министерството, согласно донесените законски измени, а во врска со Преспанскиот договор, престануваат да важат патните исправи со името Република Македонија и во важност ќе бидат само патните исправи со името Република Северна Македонија.
-Околу возачките дозволи, ги известуваме граѓаните дека од 00 часот на 13 февруари 2024 година ќе важат само возачките дозволи со името Република Северна Македонија. Министерството за внатрешни работи ќе постапува согласно закон и затоа апелираме граѓаните да не управуваат возило доколку немаат валидна возачка дозвола со името Република Северна Македонија.
Предупредуваме и дека во случај на настаната штета при евентуална сообраќајна несреќа, поради невалидната возачка дозвола, граѓаните кои немаат валидна возачка дозвола ќе мора да ги сносат последиците околу евентуалната штета-наведено е во соопштението на МВР.
Вики Клинчарова