Во рок од еден месец три лица од Штип исчезнале, и се уште не се пронајдени. Станува збор за една жена и двајца мажи.
Првин е пријавено исчезнувањето на Драгица Ристевска (74), која исчезнала на 18-ти јули, во викенд населбата Суитлак, Штип, и чија фотографија и податоци се објавени на страницата за исчезнати лица на МВР.
Покрај Драгица, и двајца мажи од Штип се пријавени за исчезнати, и тоа во рок од само четири дена, и се уште нема траг од нив. Првиот, Драган Стојанов (40) излегол од дома на 10-ти август, а пак вториот, Славе Димитриевски (87), излегол од дома на 14-ти август.
Сите овие штипјани до денес не се пронајдени, а семејствата ги пријавиле исчезнувањата во полиција.
За исчезнатата Драгица, познато е дека имала Алцхајмерова болест, била ситна жена со тежина од околу 50 килограми, со кратка бела коса, облечена во кратки панталони во светло сина боја и бела маица.
За исчезнатиот Драган пак, неговиот татко Керчо Стојанов, за ,,Фокус” вели дека живеат во агонија и чекаат на повеќе информации од полицијата. Но, како што раскажува, тој се јавувал во полиција да праша дали има траг од неговиот син, и секогаш добивал ист одговор, дека истрагата е во тек.
-Кога го пријавив исчезнувањето на син ми, па и до ден денешен, ниту еднаш од полиција не дојдоа во нашиот дом. Не проверија во куќата, да не ќе најдат некој траг, не ги проверија работите на син ми, ништо… Не знам дали некој воопшто и го бара. Ние, домашните, пребарувавме наоколу, но што можеме сами?
Она кое е впечатливо, е дека Драган заминал од дома облечен само во гаќи, во долна облека, без маица, и со себе понел околу 8.000 денари и картичката на мајка му на која имаше околу 1.000 денари.
Ние самите не можеме да откриеме дали ја користел картичката, каде заминал, дали на некоја камера е снимен… Тоа е работа на службите, но од нив досега нема никаква реакција, разочарано вели таткото.
Појаснува дека син му имал долгови, играл комар и подигнал кредити, и поради проблемите во кои се нашол, но и поради здравствените проблеми кои ги имал од порано, стравува дека можеби кренал рака на себе. Додава дека дома сите се чувствувале беспомошно, и освен новинари, никој од надлежните служби не им се јавил во врска со случајот.
За исчезнатиот Славе пак, неговите блиски велат дека излегол од дома на 14-ти август и последен пат бил забележан на улицата ,,Партизанска” во Штип, каде живее. Станувало збор за лице со деменција, а случајот уште истиот ден бил пријавен во полиција. Од фамилијата за ,,Фокус” потврдија дека до денес, лицето се уште не е пронајдено.
Фотографии и податоци од Драган и Славе, иако се исчезнати повеќе денови, се уште не се објавени на страницата за исчезнати на Министерството за внатрешни работи.
Вики Клинчарова