Во регистарот на вистински сопственици се запишале над 70.000 физички лица

by Фокус

Во регистарот на вистински сопственици се запишани приближно 70.150 различни физички лица, од кои 93,5 проценти се македонски државјани, 0,5 проценти се странци со регулиран престој, а останатите 6 проценти, односно околу 4300 лица се странци, информираше директорката на Централниот регистар Марија Бошковска Јанковски.

Притоа, додаде таа, најголемиот дел, односно 69.025 лица се запишани како вистински сопственици преку индикаторот директна сопственост, 2.755 преку индикаторот индиректна сопственост и 11.799 лица преку индикаторот на друг начин остварува контрола или контролна функција.

-Вкупно 69.284 правни субјекти пријавиле вистински сопственик во законскиот рок, што претставува околу 90 проценти од вкупниот број субјекти што имаат обврска за влез. Најголемиот дел од оние кои не се регистрирани се субјекти кои подолг временски период немаат економска активност, ниту контакти, ниту сметка во банка – истакна Бошковска-Јанковски.

Инаку, од субјектите кои што поднеле пријава околу 47.600 се Друштва со ограничена одговорност со едно лице – ДООЕЛ, околу 9.600 се Друштва со ограничена одговорност – ДОО, 285 се акционерски друштва, околу 6.030 се здруженија на граѓани и 5.768 останати субјекти со други организациски облици.

Акционерските друштва што котираат на берза, трговците поединци, самостојните вршители на дејност, буџетските корисници, субјектите во државна сопственост, како и субјектите кои се во постапка на стечај и ликвидација, се изземени од обврската за упис во регистарот, бидејќи податоците за нивните вистински сопственици се законски дефинирани, а тие се околу 20.040 субјекти.

Поврзани новости