Дваесет и пет десничарски екстремисти од таканареченото „Граѓанско движење на Рајхот“ се уапсени во Германија, под сомнение дека планирале да ја нападнат владата, изјави денеска портпаролот на федералното обвинителство, пренесе ДПА.
Германските извештаи велат дека групата екстремно десничарски и поранешни воени фигури планирала да упадне во зградата на парламентот, Рајхстагот, и да ја преземе власта.
-Полицајците спроведуваат рации во 11 од 16-те сојузни покраини во Германија, како дел од големата операција против екстремистите, додаде портпаролот.
Членовите на движењето не го прифаќаат легитимитетот на германската држава. Тие често одбиваат да плаќаат даноци и собираат нелегално оружје.
Движењето е составено од помали групи со називи како „Конфедерација на германскиот Рајх“ или „Кралство Германија“.
Германската разузнавачка агенција проценува дека движењето има околу 21.000 приврзаници, пренесува ДПА.