Во рацете на Стефанова и понатаму остануваат „Титаник“, „Траекторија“ и „Маџар Телеком“

by fokus

Обвинителката Лиле Стефанова и понатаму останува надлежна за предметите на СЈО, кои се во судска постапка. Па така, таа од републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески е овластена за преметите „Титаник“, „Траекторија“ и „Маџар Телеком“.

Во предметот „Титаник“ обвинет е поранешниот врв на ВМРО-ДПМНЕ за изборни нерегуларности. Па така освен екс премиерот Никола Груевски обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

Во „Траекторија“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски. Според обвинението на СЈО, обвинетите во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Со тоа му нанеле штета на Буџетот од најмалку 155 милиони евра.

Во изминатите денови на сите закажани рочишта од предметите на СЈО се појавуваа досегашните обвинители, кои исто така беа овластени од Јовески.

Засега е неизвесно дали истите обвинители и понатаму ќе бидат надлежни и за истрагите и предистрагите кои се стотина на број.

Од првиот ден кога е отворен предметот „Траекторија“, Стефанова отворила и предистрага за истиот случај, но поврзан со провизијата од 5% кои наводно ја зеле дел од тогашните функционери.

В.В.

Поврзани новости