Градоначалникот на Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, во интервју за Радио Слободна Европа, вели дека на местото каде што имаше голем пожар во населбата Расадник, нема да се гради ништо.
Тој објасни дека е сопрен спорниот ДУП за Расадник, кој предвидуваше 99 згради и беше донесен од неговиот претходник. Сега, како што додаде, за истата населба е распишан Меѓународен конкурс кој е прв во Македонија после Кензо Танге.
„За разлика од минатото каде што во Расадник требаше да се изврши груба бетонизација од мојот претходник, од редовите на СДСМ, мојот концепт беше поинаков, граѓаните го поддржаа и тој сега во пракса се реализира. Почнува во практика да се реализира, а тоа значи во првиот дел од ветувањето, кажав и заврши успешно, објавувањето и изборот на меѓународен конкурс за идејно решение за Расадник. По завршената постапка треба допрва да се нарача изработка на ДУП. Согласно финансиите на општината, кога ќе бидеме во можност, ќе извршиме постапка во која ќе биде нарачан Детален урбанистички план, но во моментов сме далеку од таа постапка, изјави Ѓорѓиевски.
Како што вели тој, на опожареното место во Расадник единствено може да се засадат по некоја овошка или зеленчук.