Во првите шест месеци годинава во Велес и велешко регистрирани се две ретки заболувања. Со брза реакција лицата биле изолирани и болестите не се прошириле на други лица, било реагирано брзо и ефикасно, пренесува СДК.
Ова е забележано во полугодишниот извештај за состојбата со заразни болести во велешко, на Центарот за јавно здравје Велес, која беше разгледувана од страна на членовите на Советот на Општина Велес.
„Имавме регистрирано случај на хеморагична треска со бубрежен синдром. Се јави кај еден пациент, основен преносител се глодачите – глувците. Според анкетата со заразеното лице, престојувало во рурална област близу Велес. Извршена е дератизација таму каде престојувало и не се појави друг случај. Друг карактеристичен случај е хеморагична трески- Денга. Тоа заболување се јави прв пат во земјава, го донесе велешанец кој бил турист во друга држава. Увезено е од егзотична дестинација.
Вакви симптоми се јавиле и кај друг турист од групата, од Србија. Кај нашиот пациент мина со лесна симптоматологија. Беше изолиран на Инфективна клиника, не поради тежината, туку поради опасноста да се прошири заразната болест. Трет случај беше Конгоанската хеморагична треска. Но тој се случи во втората половина од годинава. Имаше здравствен надзор над лица со кој заразениот контактирал, вклучувајќи ги и здравствените лица, кој е веќе завршен. Случајот заврши со оздравување на пациентот“, кажа епидемиологот д-р Бојан Тодоровски од Центарот за јавно здравје.
Во извештајот за состојбата со акутните заразни заболувања во велешко изминатава половина година има зголемен број на овча сипаница – варичела.
„Во првото полугодие регистрирани се 462 заразни заболувања во велешко. Најголем број 412 се варичела. По периодот на одвивање на наставата во училиштата под одредени критериуми, поврзани со ковид пандемијата, со протоколите и заштитните маските кои децата ги носеа, годинава тие се ослободени од нив, има дружење, движење, на што се должи зголемената бројка на случаи. Најголем број од заразените се деца на школска возраст“, кажа д-р Тодоровски.
Во првите шест месеци од годинава во Велес и велешко имало 19 случаи на позитивни на ковид-19. За овој период нема случај на починат пациент. Сите позитивни случаи биле потврдени и со тест.
„Станува збор за лица на кои во тој период им требала потврда дека се негативни на ковид-19 за оперативен зафат, за сместување во старечки дом. Потоа вакви потврди, после мај месец не се бараа, па повеќе и немаше регистрирани случаи“, кажа д-р Тодоровски.