Советот на Град Скопје на седницата во среда, освен за реализација на буџетот, ќе расправа и за полугодишните извештаи за 2020 година за работата на јавните претпријатија во надлежност на Градот.
Како што соопштија од Град Скопје, ЈСП-Скопје е едно од претпријатијата чија работа беше најмногу изменета поради пандемијата на Ковид-19, поради намален број на километри поминати и патници. ЈСП-Скопје за првите шест месеци од годинава работи со добивка во износ од 140,9 милиони денари, а ова во најголем број се должи на намалените расходи, кои се за 21,7 отсто пониски во споредба со истиот период од 2019 година.
ЈП „Паркови и зеленило“ во првите шест месеци од годинава работи со добивка во износ од околу 2,2 милиони денари, каде има приходи од 246,7 милиони денари и расходи од 244,5 милиони денари. Во овој период екипите на претпријатието имаат подигнато ново зеленило на површина од 25.495, а реконструирано зеленило на површина од 35.027 метри квадратни.
ЈП Комунална хигиена во првата половина од годинава оствари вкупни приходи во износ од околу 604 мил. денари и во однос на истиот период 2019 година бележи намалување за 0,29 отсто. Вкупните расходи изнесуваат 626,6 мил. денари и во однос на истиот период во 2019 година се зголемени за 7,43 отсто. Оттука, овој овој период градски комуналец работи во минус од околу 22 милиони денари.
Од аспект на работата на претпријатието, во овој период собрани и транспортирани се 74.578 тони комунален отпад или просечно 410 тони дневно, од ПЕТ центрите собрани се и 5.170 кг. хартија и картонска амбалажа, 1.790 кг. ПЕТ амбалажа и најлон, како и 219.220 кг. стакло. Во овој период екипите на ЈП „Комунална Хигиена“ имаат расчистено вкупно 7.081м3 отфрлен отпад од дивите депонии.
ЈП „Улици и патишта“во првите шест месеци од годинава работи со добивка во износ од околу 9 милиони денари, каде има приходи од околу 182,4 милиони денари и расходи од 173,4 милиони денари. Во овој период екипите на претпријатието имаат извршено асфалтирање на вкупна површина од 41.915 м2, што е за околу 9.500 м2 повеќе во однос на истиот период минатата година.
ЈП депонија ДРИСЛА Скопје за периодот од 1 јануари до 30 јуни има остварено приходи во износ од околу околу 139,6 милиони денари и расходи од околу 95,2 милиони денари, што значи дека е остварена добивка пред оданочување во износ од околу 44,4 милиони. денари. Во овој период на Дрисла се депонирани и обработени се 98.548 тони комунален отпад, 10.841 тони останат вид на отпад, 36,62 тони опасен отпад кој содржи азбест, како и 415.721 килограми медицински отпад.
Покрај полугодишните извештаи за извршувањето на буџетот на Град Скопје за годинава и работата на јавните градски претпријатија, на седницата Советот на Град Скопје ќе расправа и за полугодишните извештаи за работата на јавните културни институции во наша надлежност, за прием и давање на повеќе донации, за одлуката за утврдување на локација за поставување на полнач за електрични возила, плановите за вработување во повеќе јавни претпријатија и културни установи за годинава, промена на дел од ценовниците за јавни услуги, како и за одлуката за давање согласност за формирање паралелки со помал број на ученици во учебната 2020/2021 година во средните училишта на Град Скопје.