Во приватна болница наместо аналгетици ѝ ставиле физиолошки раствор, сведочеше син чија мајка починала од карцином

by fokus

Наместо анаглетик медицинска сестра во приватна болница ѝ дала физиолошки раствор за да провереле дали навистина има болки или не, сведочеше денеска пред Анкетната комисија, Даријан Петров за искуството на неговата мајка која починала од карцином на дојката.

Рече дека по дијагностицирањето на болеста во 2015 година, им било сугерирано за терапија да ја избегнат Клиниката за онкологија и да изберат приватна клиника бидејќи на државната клиника цитостатиците не биле квалитетни. На прашање кој ги советувал така, одговори дека советот бил од „медицински кругови“ и од лекари што ги познавала мајка му, и самата докторка во јавно здравство, но дека тоа не биле лекари од Онкологија.

Орални цитостатици на секои една до две недели потоа набавувале приватно од Врање, зашто ги немало во државава, и по четири години, рече, нивното семејство финансиски колабирало.

Во 2019 се одлучиле терапија да примат на Онкологија затоа што од онкологот Џозеф Глигоров од Париз разбрале дека терапијата ја има на нашата клиника и дека им следува од ФЗОМ. Но набргу се соочиле со недостиг на терапијата и тоа го нарушило дотогаш прецизното и навремено дозирање, период на неизвесност што Петров го нарече трауматичен.

Лекувањето го продолжиле на приватна клиника каде што се соочиле со нехуманост кога од медицинска сестра им било кажано дека на неговата мајка, која веќе била во терминална фаза, ѝ бил даден физиолошки раствор против болки наместо аналгетик „за да видат дали навистина има болки или не“.

-За мене беше шок такво нешто да му се каже на семејство, рече Петров, додавајќи дека тоа било период на КОВИД-пандемија кога хоспитализирањето во приватните болници било „непоимливо скапо“.

Од лекување во државното здравство ги одвратило, рече, неетичноста, но дека „она што е во приватните клиники е само фасада“. – Имаме целосен колапс на целиот систем, заклучи Петров.

Тој по неколку дена по информациите за злоупотреби на Онкологија ја формирал граѓанската иницијатива „Одговорност“ и учествува на протестите пред Обвинителството.

На комисијата сведочеше и Македонка Икономова-Давчева, претседателка на Здружението „Љубов сме“.

Три години откако станала пациент на оваа клиника, во 2020 година го формирала Здружението кое функционира како ФБ-група со околу 4000 следачи, каде што онколошки пациенти разменуваат пораки и искуства. Го регистрирала здружението, рече, за да бараат од државата подобар и достоинствен третман за лекување на онколошките пациенти, на жените да им се обезбедат редовни ехо и мамографски прегледи на дојка.

Во сведочењето пред пратениците Икономова-Давчева рече дека не забележала нешто сомнително и верува, рече, дека ја примала хемотерапијата затоа што ги имала нус-појавите. Биолошка терапија не примала. На Онкологија оваа терапија, рече, била воведена во 2018 година и за онколошките пациенти значела „искра надеж дека ќе има поголем ефект во нивното лекување“. Ги појасни предностите на биолошката терапија – за разлика од хемотерапијата ги напаѓа само болните клетки, не и здравите.

Три години немало никаков проблем со снабденоста на лекови, а недостигот почнал да се појавува, рече, кога министерот за здравство Венко Филипче дал оставка. Потоа проблемите продолжиле и терапијата „час ја имаше, час ја немаше“.

Поврзани новости