Во притвор Боки 13 го посетил обвинител, но тој молчел и инсистирал „Пандорината кутија“ да ја отвори само пред Јовески

by fokus

По објавата на пресудата за случајот „Рекет“, осудениот Бојан Јовановски, на 9 години затвор, доби збор, но беше ограничен да зборува само за мерката притвор. Тој најави дека она што сакал да го каже, ќе го открие на 1 јули, кога во Кривичниот суд ќе треба да стартува судењето за „Меѓународен сојуз“, во кој исто така е обвинет.

-Нема да се дадам во бегство, едвај го чекам први јули, рече Јовановски, кој претходно изјави дека судот изрекетираните пари од Македонија требало да ги бара кај Зоран и Вице Заеви, по што беше прекинат од судијката Васка Николовска-Масевска.

Тој најави и дека овие денови ќе одел во Обвинителството за да ги откриел вистинските сторители на кривични дела. Неговиот адвокат Сашко Дукоски за „Фокус“ појаснува дека Јовановски ќе поднесе неколку кривични пријави.

-Поднесовме барање да му се дозволи на Јовановски да оди во Основното јавно обвинителство за да поднесе кривични пријави, истакна Дукоски.

Боки 13 во неколку наврати досега бараше средби со републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, за да со него ги сподели информациите кои ги има. Од обвинителството за „Фокус“ откриваат дека обвинител од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција веќе го посетил Јовановски во притвор, но тој воопшто не сакал да разговара, и не споделил ниту една информација.

Дукоски вели дека тоа е точно, потенцирајќи дека Јовановски барал да зборува со Јовески, но наместо тоа  му бил испратен обвинител од обвинителството со кое шефува Вилма Русковска, и заради тоа одбил да зборува.

Боки 13 веќе подолго време најавува дека ќе ја отвори Пандорината кутија, а сега како нареден датум го закажа 1 јули, односно првото рочиште за „Меѓународен сојуз“.

Валентина Вурмо

 

Поврзани новости