По трагичната несреќа која се случи изутринава на магистралниот пат Прилеп – Битола во која загинаа три медицински лица од Прилеп, двајца лекари и радиолошка техничарка, претседателот на Советот на општина Прилеп за 18 часот закажа вонредна седница на Советот со единствена точка на дневниот ред – Предлог-одлука за прогласување на ден на жалост во Прилеп.
Согласно предлогот, утрешниот ден, петок 4. октомври ќе биде прогласен за Ден на жалост.
Во несреќата загинаа Александар Ристески, специјалист радиолог, гинекологот Никола Василески и радиолошкиот технолог Фанче Јованоска кои долги години работеа во битолската болница Плодност. Несреќата се случила при судир на патничко моторно возило „тојота“ во кое биле медицинските лица и товарен камион. Поради силината на ударот избил пожар.
Делницата на патот Прилеп – Битола сè уште е забранета за сообраќај, и сообраќајот се пренасочува по алтернативни патишта.