Со новите три случаи бројот на заразени од коронавирусот во Прилеп достигна 75. Двајца се починати. Прилеп побара и веднаш доби помош од Армијата и од изутрината 15-тина припадници на Армијата го одржуваа редот пред маркетите и банките. Освен тоа, за почитувањето на мерките, Општината постави налепници „Стој овде“ пред овие објекти.
-Армијата им излегува во пресрет на локалните самоуправи, а општинските кризни штабови во оваа фаза на кризата се клучни и ја добиваат владината поддршка, констатираа вицепремиерот и министер за одбрана Радмила Шекеринска и вицепремиерот за европски прашања и шеф на Централниот кризен штаб, Бујар Османи при денешната посета на Прилеп.
Тие учествуваат на попладневниот состанок на Прилепскиот кризен штаб за евентуални дополнителни мерки за заштита на граѓаните.
Според прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, на Прилеп во овој момент му е потребна помошта од Армијата и ја доби, 15-тина припадници на Армијата денеска правеа ред пред банките и маркетите.
– Тоа што вчера го побарав веднаш ни беше излезено во пресрет како помош во спроведувањето на препораките и одлуките од Владата и од Министерството за здравство. Ја добивме помошта од Министерството за одбрана и од Прилепската касарна и од изутрината од 8 часот се на располагање 15-тина припадници на Армијата, таму каде имаше потреба: пред маркетите и експозитурите на банките. Освен тоа, локалната самоуправа постави налепници „Стој овде“ пред маркетите и банките и граѓаните почнаа да се придржуваат кон тоа. Присуството на Армијата граѓаните го почувствуваа како загриженост, безбедност и сигурност. Наредните денови тоа ќе го правиме таму каде има потреба. На седницата на Кризниот штаб ќе дискутираме за евентуални дополнителни мерки, изјави Јованоски, апелирајќи да нема собирања наредните денови.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, изразувајќи сочувство за починатите од Прилеп, рече дека почна поддршката на Армијата за сигурноста на граѓаните и тоа на дело во Прилеп е ефикасно и посочи дека ќе им излезат во пресрет на сите општини.
-Присуството на припадниците на Армијата не е да создаваат страв, но почитта што ја уживаат кај граѓаните е да се создаде ред. Прилеп е можеби прва општина во државава која можеби на многу прегледен начин ги обележа местата каде им препорачува на граѓаните да стојат во редиците. Денеска првичното учество на Армијата е со првични бројки и со Генералниот штаб сме тука да се договориме за понатамошните чекори. До среда ќе знаеме која општина какава поддршка бара. Но, најбитно е да се почитувата мерките за безбедност и препораките, рече Шекеринска.
Да нема изненадување, додаде Шекеринска, ако припадниците на Армијата бидат во парковите или на излетничките места да се направи ред во почитувањето на препораките за заштита.
Вицепремиерот и шеф на Централниот кризен штаб Бујар Османи објасни дека сега се зголемува улогата на општинските кризни штабови кои ја имаата поддршката на Владата.
Според Османи, има неколку набавки на респиратори со странска помош. Една од првите набавки беше преку Норвешката амбасада за 25 респиратори купени во Кина, но пратката Турција ја презеде. Сега Норвешката амбасада објави нов договор за купување респиратори преку нова рута за да дојдат директно од Кина во Скопје.
-Конкретна информација се очекува во текот на денешниот, или утрешниот ден. Другите набавки се одвивааат според планираното. Деновиве очекуваме конкретна информација за набавката од ЕУ, рече Османи.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески објасни дека деновиве ќе се асфалтира патниот правец Градско-Прилеп.