Итната помош од Прилеп денеска информираше дека зголемени се каснувањата од инсекти, крлежи, а последниве две недели имале пет интервенции на граѓани каснати од змии.
-Во овие две до три недели имавме пет каснувања од змии, на полињата каде работат полски работи. Пациентите се жалаат на каснувања од инсекти. Паниката е многу поголема од здравствениот проблем. Битно е првилен одговор на лекарот. Кај пациентите каснати од змии, за среќа немаа фатални компликации. Се препраќаат на инфективното одделение, три случаи пративме на клиниките во Скопје. Беа во добра здравствена состојба, се дава серум, се снаоѓаме. Во прилепско најмногу ја има отровната змија поскок, но битно е пациентот да не паничи и да даде вистински одговори за да реагираме. Има и каснувања од крлежи, рече доктор Даниел Аврамовски, началник на службата за Итна помош од Прилеп.
Тој информираше и дека за 60 отсто се зголемени интервенциите на службата и има 20 до 30 повеќе амбулантски прегледи на пациенти од вообичаеното.
-Имаме премногу работа и една екипа од тројца- четворица лекари, четири медицински сестри и тројца шофери се снаоѓа како што може. Доволно сме екипирани, но мора да се каже дека е и време на годишни одмори, па и за персоналот. Се обидуваме да комбинираме од смена во смена и да ги опслужуваме сите пациенти. На терен се интервенира секаде. Има многу вртоглавици, најчести интервенции се кај повозрасната група граѓани кои имаат хронични кардиоваскуларни, респираторни хронични болести. Зголемен крвен притисок, астма, хронична белодробна болест, омалаксаност вртоглавици, рече докторот.