Околу 300 изведувачи на изворниот мелос синоќа во центарот на Прилеп, вечер на Рудина кај Долнени ја продолжуваат традицијата во негувањето и зачувувањето на богатиот изворен македонски фолклор на 48 Фестивал на народни иснтрументи и песни „Пеце Атанасовски“. Одекнуваат гајдата, кавалот, зурлите, табаните, се разлева изворната музика. И старите и младите изведувачи се убедени дека ќе успеат да го зачуваме културното богатство.
Раде Петровски од Крива Паланка свири на кемане и вели дека токму Фестивалот и ваквите средби овозможуваат да се зачува фолклорот.
– Ваквите средби и фестивали овозможуваат да ја продолжиме традицијата, да ги негуваме обичаите кои се наш идентитет и неисцрпно богатство. Факт е дека младите повеќе се понесени со модерните текови, но уверен сум, оти гледам млади учесници, дека ќе го зачуваме она што не прави посебни и се негувало од колено на колено, вели Петровски.
Бобан Анакиев од Кочани е млад изведувач на народни инструменти и ги изработува.
-Ги свирам народните инструменти и истовремено ги изработувам. Правам гајди, кеманиња. нема голема заработувачка, ама тоа е мојата љубов. Ги купувата фолклорни групи, КУД и радоста е во изработката, вели Анакиев.
Според Родна Величковска, уметнички директор на Фестивалот немас опасност да се загуби традицијата. Годинава има многу млади изведувачи.
– Интересот за изведување и за учество на фестивалот е голем. Од преку 350 заинтересирани, со селекција направивме избор на 300 изведувачи од сите краишта. Имаме и гости од Србија. Нема опасност за богатиот македонски фолклор, изјави Величковска од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ Од Скопје.
Во рамките на Фестивалот се одржаа семинар за изучување на изворниот мелос со 10-тина талентирани млади, а на симпозиумот „Фолклорот во минатото и денес“ беше промовиран зборникот со најновите научни трудови од фолклористиката.
Од 19 часот на Рудина кај Долнени е втората фестивалска вечер. Фестивалот ќе ги награди најдобрите, а најуспешниот гајдаџија ќе ја понесе гајдата на Пеце што ја доделува општина Долнени.