Пожарот што ноќеска избувна во зграда во скопски Чаир е сè уште активен.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) попладнево информираа дека гасењето на пожарот е отежнато поради големата количина чад и високата температура во подрумите на зградата во кои, како што додаваат оттаму, била складирана поголема количина запаливи материјали.
Поради отежнатите околности, како што додаваат од ЦУК, во гасењето на пожарот ќе се вклучи специјално противпожарно возило на Армијата.
Лекарска помош поради вдишување чад од пожарот денеска побарале над 30 возрасни и 12 деца.
Децата се на возраст од пет месеци до 11 години. Неколку од нив биле приклучени на кислородна поддршка на Детската клиника. Од лицата што побарале помош на Клиниката за токсикологија, пак, петмина се со потешка клиничка слика, поради што се хоспитализирани.