Во пожарот во „Буши“ повреден и еден пожарникар

by Fokus

Десетина гости во хотелот „Буши“ во Скопската чаршија и еден пожарникар се повредени во денешниот пожар.

Раководителката на итната медицинска помош Милица Бубало за државната агенција МИА изјави дека повредените со возила на Брза помош се однесени во градската општа болница „8 Септември“ и на Клиниката за токсикологија, Двајца од нив имаат потешки повреди.

На лице место екипите на Брзата помош интервенирале и кај други граѓани кои имале полесни повреди и за нив не била потребна хоспитализација.

Меѓу повредените е и еден пожарникар кој бил пренесен на Клиниката за токсикологија.

-Пожарникарот е во добра состојба, направени му се прегледи, сатурацијата му е добра, му бил даден кислород и вечерва ќе биде пуштен дома. Пожарот кога пристигнавме беше во разгорена фаза, а повеќе граѓани бараа помош оти вдишале чад. Се интервенираше со 9 возила и 20 пожарникари и за брзо време огнот го ставивме под контрола. Сега е целосно изгаснат, вели Звонко Томески командантот на скопската Пожарна.

Пожарот бил пријавен на бројот 112 во Центарот за управување со кризи од каде велат дека во хотелот во моментот кога избил огнот имало свадба.

Со пожарот биле зафатени рецепцијата и кујната, а како што неофицијално дознаваме од огнот експлодирала и плинска боца.

Поврзани новости