Во пожарите во Грција еден човек загина, осуммина се повредени, ЕУ праќа помош

by Fokus

Во шумските пожари во регионот на Беотија во централна Грција, еден човек загина, а осум лица се повредени, соопшти грчката служба за итни случаи.

Голем шумски пожар избувна денеска северно од Атика, на 100 километри северно од Атина, а стар овчар починал како последица на вдишување чад кога дотрчал за да ги спаси своите животни, изјави портпаролот на противпожарната служба.

Пожар избувна и на островот Евија, каде во негово гасење учествуваат 42 пожарникари и четири авиони, а пожарите се уште беснеат во североисточна Грција во близина на пристанишниот град Александрополис.

Седум пожарникари и еден волонтер беа хоспитализирани со повреди, десетина населби беа евакуирани во текот на викендот, а властите за цивилна заштита ги повикаа жителите да останат во затворени простории поради чад.

Во Александрополис веќе трет ден беснеат шумски пожари и покрај напорите на грчките противпожарни служби, војската и доброволците кои продолжија со гаснењето на пожарот во текот на ноќта.

ЕУ преку својот Механизам за цивилна заштита реши во Грција да испрати романски противпожарен тим, како и два авиони за гаснење пожари од Кипар, за да помогнат во справувањето со огнената стихија кај Александруполис, соопшти денеска ЕК

Во соопштението се посочува дека се очекува во текот на денот во Грција да пристигне романскиот тим составен од 56 пожарникари и 10 возила. Од претходно, во Грција е присутен и француски противпожарен тим.

„Пожарите беа поинтензивни и поопасни, уништувајќи повеќе области од претходно. Пожарот кај Александруполис уништи повеќе домови и иницира евакуација на осум села. Брзиот одговор на ЕУ е уште еднаш суштински и им благодарам на Кипар и Романија што им помогаат на грчките пожарникари кои веќе работат на теренот“, рече еврокомесарот за справување со кризи Јанез Ленарчич

 

Поврзани новости