Во пожар предизвикан од палење на стрништата во оризовите полиња, доцна попладнево изгоре помошен објект и земјоделска механизација кај кочанското село Мојанци.
Од Територијалната противпожарна единица од Кочани за МИА информираа дека четири нивни екипи со возила интервенираат на неколку локации, а најсериозна е состојбата меѓу селата Грдовци, Мојанци и Горни Подлог.
– Силниот ветер го отежнува гаснењето на оганот што се издига и по неколку метри, со оглед што гори сува слама и трска. Во атарот на Мојанци и покрај нашата интервенција, не успеавме да спасиме механизација за балирање слама и помошен земјоделски објект, кои целосно изгореа. Теренот е каллив и тешко пристапен, бидејќи во некои оризови ниви сè уште има вода. Поради брзото ширење на пламенот кон селото Горни Подлог, нашите пожарникари се обидуваат да го локализираат пожарот и да спречат евентуално оштетување на куќите и другите објекти во близина. Слично е и кај Грдовци, каде огнот дојде сосема блиску до првите куќи на влезот во селото. Во текот на ноќта ќе бидеме дежурни на терен, а доколку се јави потреба ќе ангажираме дополнителни екипи, истакна Драган Апостолов, командир на ТППЕ – Кочани.
Како што информира претходно ЦУК, во пожарот помеѓу селата Грдовци и Мојанци опжарена е површина со сува трева од околу 30 хектари, а изгореле и неколку плевни и една машина балирачка.
Според ЦУК, интервенцијата за гаснење на запалено стрниште во близина на Горни Подлог на повеќе пожарникари со противпожарни возила започнала околу 18 часот.
Палењето на стрништата и сламата по завршената жетва на оризот е вообичаена практика на земјоделците во овој период, а целта е да ги олеснат подготовките на површините за пролетната сеидба.
Пожарникарите упатија апел до оризопроизводителите да не ги палат жетвените остатоци во полињата за да се спречат материјални штети и посериозни последици за безбедноста за жителите од селата во полскиот регион.