Во потрага по изгубената насмевка

by Фокус

Македонија денес е земја на луѓе без насмевка. Тоа е поразителен факт, чија анализа од психолошки, социолошки и од политиколошки аспект е длабоко трагичен. Тоа е факт пред кој треба да се засрами секој што себеси се смета за политички општествено релевантен во државава. Тоа е факт, кој ја одразува општата духовна, вредносна и морална криза на општеството. Тоа е факт за кој нема помилување и простување! Зашто да му ја одземеш насмевката на човекот е исто што и да му го одземеш самиот живот.

Пишува: Ристе ЉУБОТЕНСКИ

Најголемото зло што во изминатите триесетина години, политичките партии и нивните „лидери“ им го нанесоа на граѓаните на Република (Северна) Македонија не е ниту криминалната приватизација, не е ниту процветувањето на криминалот и корупцијата, не се ниту безбројните кражби на парите од даночните обврзници, не е ниту патолошкото зголемување на државната администрација, не е ниту немањето јасна визија за иднината итн.

НЕ! Најголемото зло што партиите им го нанесоа на граѓаните е во нешто многу подлабоко, посуштинско, во нешто што допира до душата и битието на секоја единка, на нешто што никогаш не ќе се надомести, на нешто што е израз и одраз на радоста на животот – насмевката!

Крадејќи и одземајќи му ја насмевката од лицето на човекот – граѓанин, политичките партии и нивните „лидери“, на многу очигледен, секојдневно појавен начин, на луѓето им ја украдоа радоста на животот, нивната социјална сигурност, емотивна стабилност…, над сѐ, волјата за живот и љубовта кон ближниот.

Наместо личната насмевка, на луѓето им се наметна колективното чувство дека партиската припадност и ангажман се поголема светост и животна смисла отколку секојдневната нормална човечка комуникација со своите браќа и сестри, со соседите, пријателите, другарите, деловните соработници…

ЗЕМЈА НА ЛУЃЕ БЕЗ НАСМЕВКА

Со други зборови, партиите, граѓанинот како човек, лека полека го преобразија во политичко и општествено чудовиште! Токму затоа социјално патолошки и лажливо звучат нивните ветувања дека сѐ што прават го прават во интерес на граѓанинот!?

А тој, кутриот, духовно и материјално осиромашен, потценет до бесвест, со одземена надеж и верба во иднината, без јасна ориентација, а своите долгорочни интереси и перспективи во животот, верува ли верува иако има свест и добро знае дека го лажат и е предмет на политичка манипулација.

Македонија денес е земја на луѓе без насмевка. Тоа е поразителен факт, чија анализа од психолошки, социолошки и од политиколошки аспект е длабоко трагичен. Тоа е факт пред кој треба да се засрами секој што себеси се смета за политички општествено релевантен во државата. Тоа е факт кој ја одразува општата духовна, вредносна и морална криза на општеството. Тоа е факт за кој нема помилување и простување! Зашто да му ја одземеш насмевката на човекот е исто што и да му го одземеш самиот живот.

Насмевката е замаец на животот. Без неа човекот е изгубен во сивилото на секојдневието. Нејзиното отсуство укажува на длабоки социо-економски, политички и вредносни дефекти во општеството и е сериозно предупредување на владејачките политички елити дека нивната власт е тегобност за граѓаните.

Тоа е синдром, кој укажува дека на обичниот човек му е преку глава од демократијата во која личностите и партиите на власт се менуваат, а облиците и содржината на нивното владеење остануваат исти.

Менувањето на политичките партии и елити на власт без менување на содржината и структурата на општествените односи е тешка социјална болест.

Суштината на политичката демократија не е во бројноста на политичките партии, кои се борат за власт, туку во разнообразноста и квалитетот на политичката понуда што тие треба да им ја пружат на граѓаните на изборите, и, уште повеќе, по нив.

ДЕМОКРАТИЈА ВО ОПШТЕСТВОТО

И, што е многу поважно, во јасното разграничување меѓу тоа што е 1) партиски плурализам; 2) политичка демократија, 3) демократија во општеството. Можно е, што е случај кај нас, да имате партиски плурализам без политичка демократија (и култура), како и на овие две без демократски односи во општеството. Политичката, а уште помалку повеќепартиската демократија не може да ја надомести и да биде замена за демократијата во општеството.

Демократијата во општеството не се заснова само на политичкото и партиското дејствување на граѓанинот (иако ги вклучува и нив), туку на човековата интелектуална, творечка, културна, стручна, уметничка, спортска, односно севкупна ангажираност како индивидуа и граѓанин, од рамништето на локалната самоуправа, па сѐ до меѓународните односи.

Тоа е богатство на облици низ кои се изразува единката во и низ во обликувањето на својот општествен живот. А тој творечки, индивидуално и колективно слободен живот, не може, а да не вроди со плод чиј резултат ќе биде материјално и духовно богато општество од една и социјално и психолошки стабилна единка од друга страна.

Во такво општество, човекот/единката нема да се плаши наутро да се разбуди и да се соочи со независноста што ја носи денот што доаѓа во облик на нови ценовни поскапувања, политички, правен и информативен терор, извршители, инспектори, нови даноци, кражби, дрога, криминал и корупција, убиства.

Тоа е општество во кое, со сите негови дефекти и несовршености, сепак единката ќе се чувствува економски и социјално сигурна, емотивно стабилна и безбедна во топлината на својот дом и на својата држава.

Демократско е она општество и онаа држава во која човек наутро простум ќе се разбуди благодарен на Бога што е жив и здрав за да ужива во радоста на секојдневниот живот. А зачетокот и зачинот без кој не се може таков живот е токму насмевката. Таа е мајката на радоста во животот.

Од аспект на социјалната и политичката психологија, насмевката е индивидуалниот начин на кој единката го доживува општеството и државата и, се разбира, себеси во нив. Нема стабилно и подносливо општество, кое барем малку има човечки лик, ако единката е отуѓени од самата себе, од другите луѓе и од природата. Тоа се нејзините три составни дела без кои таа не може да опстојува како целовитост.

ЧОВЕК БЕЗ НАСМЕВКА Е ПРАЗЕН ЧОВЕК

А за сето тоа не треба многу, туку само една едноставна, простум изразена насмевка, која доаѓа некаде длабоко од пазувите на душата. Таквата насмевка на лицето на индивидуата е сублимиран израз на духовната состојба на нацијата, а преку неа и на актуелните економски, политички и вредносни состојби.

Токму затоа, потрагата по изгубената насмевка на лицето на единката како човек и како граѓанин треба и мора да претставува врвна општествена, но и политичка вредност и цел. Сосема е јасно дека во овој краток овоземен живот, човекот не може да има сѐ, но ако се нема барем себеси – тогаш, всушност, нема ништо!

Човек без насмевка е празен, отуѓен, човек! И не е само тоа! Тоа е човек што го признал својот пораз, прифаќајќи го животот како тегобност и празнина. Притоа, за состојбата да биде уште полоша, тоа не е пораз само за единката, туку и за целото општество, и особено, за државата и политичките партии и нивните „лидери“, кои ја изгубиле смислата и целта на своето постоење.

Поврзани новости