Вчера во Грција беа регистрирани 508 нови случаи на коронавирус, најмногу од почетокот на пандемијата за еден ден, а осум пациенти починаа.
Од почетокот на пандемијата, вкупно 24.450 лица се заразени, а починале 490 граѓани со просечна возраст од 79 години.
Во моментов има скоро 14.000 активни случаи, а околу 80 пациенти се во критична состојба.
И покрај фактот дека бројот на заразени и смртни случаи на дневна основа е сè уште помал во споредба со другите европски земји, експертите во Грција и владините претставници сè уште се вознемирени.
Постојат неколку фактори кои влијаеле на зголемувањето на бројот на заразени лица во изминатите два месеци, пренесуваат грчките медиуми.
Првиот фактор е поврзан со отворањето на границите за странските туристи. Со оглед на тоа што туризмот е една од најважните индустрии во Грција, се очекуваше дека приливот на туристи неизбежно ќе влијае на зголемувањето на бројот на заразени.
Вториот фактор кој сепак значително придонесе за вториот бран на пандемија во земјата беше поврзан со пристигнувањето на мигрантите од прифатните центри на грчките острови.