Силен израелски тенковски оган и воздушно бомбардирање на израелската армија (ИДФ) синоќа го погодија Кан Јунис во Појасот Газа, изјавија жителите, откако беше објавено дека речиси 200 луѓе биле убиени за 24 часа во израелската кампања против милитантите на Хамас.
Здравствените власти на Газа, под контрола на Хамас, тврдат дека во последните 24 часа животот го загубиле 187 лица, а вкупниот број на загинати се искачи на 21.507 жртви. Палестински новинари и болничари тврдат дека цел на серија воздушни напади бил и кампот Нусејрат, во централниот дел на Газа.
Израелските сили го бомбардираат Кан Јунис како увертира за понатамошното напредување на копнените сили кон тој град, чии делови зазедоа на почетокот на декември. Министерот за одбрана Јоав Галант рече дека неговите сили стигнуваат до командните центри и магацините за оружје на Хамас.
Израелската армија претходно објави дека уништила комплекс тунели во подрумот на една од куќите на командантот на Хамас во Газа, Јахја Синвар. Дванаесет недели откако терористите од сунитската исламистичка група брутално убија околу 1.200 луѓе и зедоа 240 заложници во напад на населби, кибуци и музички фестивал, Израел прогласи воена состојба и возврати со сета своја жестокост за да го уништи Хамас.