Португалците денеска ќе гласаат за парламентот, а социјалистите на актуелниот премиер Антонио Кошта имаат речиси еднакви шанси со централнодесничарската опозиција.
Во Португалија денеска ќе се одржат парламентарни избори, во услови на дополнителни мерки на претпазливост откако владата одлучи да им дозволи на гласачите заразени со корона вирусот да ја напуштат изолацијата и да гласаат лично, заедно со сите други граѓани.
Бидејќи се проценува дека околу 10 отсто од вкупно 10 милиони португалски граѓани сега се изолирани поради Ковид-19, владата во Лисабон минатата недела одлучи да ги укине ограничувањата за време на денешното гласање. Изборната комисија на прес-конференција соопшти дека „исполнети се сите услови гласањето да се одвива во апсолутно безбедни услови“.
Како и многу европски земји, Португалија соборува неславни рекорди за бројот на заразени со Ковид-19, иако во последниот бран на сојот Омикрон е намалена смртноста и хоспитализирањата благодарение на високите стапки на вакцинација.
Надлежните ги повикаа сите заразени со Ковид-19 да гласаат од 18 до 19 часот, но овој апел не е обврска и нема да има посебни избирачки места за заразените гласачи.