Повеќе средни училишта во понеделник најавуваат бојкот на наставата. По примерот на учениците од скопските гимназии “Орце Николов” и “Кочо Рацин” кои вчера не седнаа во школските клупи, настава според Средношколскиот пленум нема да има и во останатите средни училишта.
-Овој чекор е резултат на се уште игнорантскиот однос на надлежните кон незадоволството на илјадници ученици кои двапати и од улица им порачаа “Стоп за лошите реформи”, велат од Средношколскиот пленум.
Според средношколците, бојкотот на наставата е само логично продолжение на нивното сериозно делување, кое велат го покажале преку нивните аргументирани барања доставени до ресорното министерство. Тие нагласуваат дека нивната подадена рака за преговори првите луѓе на министерството двапати ја одбиле, па оттука треба да очекуваат дека реалните проблеми овој пат ќе излезат на виделина. Радикализација на протестите најавуваат и средношколците во другите градови во Македонија.
-Средношколскиот пленум уште еднаш јавно ќе испрати порака до МОН да ги разгледа нашите барања и да ја прифати средбата со претставници од Средношколскиот пленум. Колку повеќе се одолговлекува оваа средба од страна на министерството, толку повеќе се зголемува незадоволството кај средношколците. Министерот има должност да ги сослушаат средношколците и Средношколскиот пленум. Остварувањето на средба е неопоходно за да може да се постигне некаков договор, велат од Средночколскиот пленум.