Во понеделник се става клуч на две одделенија во Градската болница „8 Септември“

by Fokus

Од понеделник две одделенија во Градската болница „8 Септември ќе бидат ставени под клуч поради недостатокот на 180 медицински сестри, тврди за „Фокус“ директорот на болницата Сашо Стојчев. Според него, тоа е единствено решение во моментот затоа што не можат да постигнат со темпото на работа што го имаат.

Се работи за одделенијата за Пулмологија со ендокринологија и општа и Ургентна хирургија, а веќе одреден период е споено и кожното одделение со инфективно. Иако досега, менаџментот на болницата неколку пати алармираше до министерството за здравство за проблемот со кој се соочуваат, сепак од таму цело време ги игнорираат.

– Ова темпо на работа не се постигнува со само 260 медицински сестри на ниво на болницата. Ни фалат уште 180 сестри, а тоа што ни недостасува го надополнуваме со луѓе на договор на дело. Во моментот имаме такви 60 лица, од кои 50-тина се на договор на дело преку министерството за финансии. Во болницата се ангажирани и 22-ца, кои работат без паричен надомест. Тие се едуцираат, не се дури ни волонтери – истакна Стојчев.

Градската болница „8 Септември“ веќе подолг период се соочува со проблеми поради недостаток на медицински персонал и досега неколку пати се затворени одделенија баш поради таа причина. Од друга страна, министерот за здравство Никола Тодоров досега нема излезено јавно и да објасни што се случува болницата, која покрива огромен капацитет на луѓе.

И.М.

Поврзани новости