Советот на фестивалот Пивофест Прилеп 2023 ќе одржи состанок со општинскиот Совет во понеделник во Прилеп, и тогаш ќе се знаат имињата на музичките гости кои ќе настапат на 20-годишниот јубилеј на манфестацијата.
За јавноста и за медиумите точните информации ќе бидат достапни во вторник – за ,,Фокус” откриваат добро упатени извори од организацијата на настанот.
За веста дека балканската турбофолк ѕвезда Аца Лукас е еден од музичките гости на фестот, додаваат дека засега тоа се само шпекулации, кои без да бидат потврдени се објавиле во одредени медиуми.
-Аца Лукас можеби ќе пее, а можеби и нема. Се ќе се одлучи во понеделник. Имаме листа со околу 50 музички имиња, фестивалскиот Совет заедно со општинскиот Совет ќе ги разгледа сите детали и тогаш ќе се состави дефинитивната листа со изведувачи. За разлика од лани, кога претежно беа застапени домашни музички ѕвезди, годинава ќе имаме и регионални пејачи, односот ќе биде 50 – 50 проценти. Да ги задоволиме сите музички вкусови и да донесеме што е можно повеќе посетители – открива нашиот извор кој е дел од организирањето на фестивалот.
Појаснува дека се додека не се финишираат сите детали на предвидениот состанок во понеделник, во јавност не може да се излегува со имиња, ниту на музички гости, ниту пак на членови на фестивалскиот Совет на Пивофест Прилеп. Манифестацијата ќе се одржи од 13-ти до 16-ти јули.
Општина Прилеп традиционално во годините наназад издвојува по два милиони денари од буџетот за овој настан, а секоја година Пивофест е потпомогнат и од спонзори.
Вики Клинчарова