Собраниската расправа по Предлогот за избор на нови членови на Владата, во рамки на 104-тата седница, ќе продолжи в понеделник напладне.
Дебатата по оваа точка од дневниот ред почна во четвртокот откако истиот ден, по десетина дена расправа, на предлог на Владата беа разрешени тројцата министри од Алтернатива – за здравство Беким Сали, за информатичко општество и администрација Адмирим Алити и за дијаспора Џемаил Чупи.
Пратениците задутре треба да ја продолжат дискусијата за новите предлози за министри: тројца од Алијанса за Албанците – Кренар Лога за ресорот правда, Фатмир Меџити за здравство и Азир Алиу за информатичко општество и администрација, и за Каја Шукова од СДСМ која е предложена за министер за животна средина и просторно планирање.
Оставките на министрите за правда и за животна средина, Никола Тупанчевски и Насер Нуредини, Собранието веќе ги констатираше на претходна седница, како и на заменик-министрите за правда и за здравство, Агим Нухиу и Владимир Рендевски.