Анксиозност, повлекување во себе, страв, депресија, напнатост, немир и низа на психолошки пореметувања станаа секојдневие на голем број на граѓани поради случувањата со актуелната пандемија на Ковид19. Сепак, за многумина последиците од ковид изолацијата се уште се табу тема со која не сакаат да се соочат или пак не сакаат да разговараат на истата.
И не само психолошките проблеми предизвикани од пандемијата, генерално, во земјава посетата на психолог поради било која медицинска состојба, се уште е нешто кон кое се гледа со страв, најмногу поради предрасудите кои тешко се искоренуваат.
Но, во Неготино, општина со околу 19.000 жители, веќе подолг период се рушат предрасудите, и се поголем е бројот на граѓани кои се решаваат да побараат стручна помош од психолог. Во поликлиниката Галмедикус, која функционира во градот уште од далечната 1994 година, и беше основана од примариус д-р Јордан Нечев специјалист по општа медицина, секојдневно расте бројот на пациенти кои бараат помош за излегување од кругот, и соочување со состојбата која во огромна мера влијае врз нивниот живот.
Повеќе од една година овде се рушат стереотипите, а дипломираниот психолог и психодијагностичар д-р Вилма Методиева за ,,Фокус” раскажува дека на почеток и самите биле изненадени од бројот на пациенти кои отворено им се обратиле и побарале стручна помош.
-Повеќе од една година се работи со пациенти на кои им е потребна помош од психолог, и искрено, ако на почеток бевме скептици околу тоа дали и колку во еден мал град како Неготино ќе има интерес за ваков вид на терапии, со оглед на неискоренетите предрасуди, останавме изненадени од големиот број на пациенти кои побараа помош.
Луѓето стануваат се повеќе свесни дека одењето на психолог не е ништо поразлично од посетата на стоматолог, на пример, бидејќи за секоја медицинска состојба е потребно да се побара соодветна помош.
Доаѓаат пациенти од сите возрасни групи, но најмногу се застапени тинејџерите, и тоа од 13 па се до 19 години. Најчесто се работи за лица кои и порано биле на некој начин повлечени во себе, а сега, по глобалната пандемија и изолацијата, уште потешко им е да се вклопат во секојдневниот живот.
Кај повозрасните групи на пациенти, најчесто се тоа лица кои веќе го прележале вирусот, и тоа прилично тешко, па им останал стравот дека повторно ќе се инфицираат.
Имаме секакви случаи, со сите работиме посветено, го даваме максимумот и најмногу не радува кога гледаме дека сме помогнале да се надминат психолошките проблеми поради кои голем број на луѓе имале големи тешкотии во секојдневното функционирање – раскажува психолог Методиева.
Таа додава дека не само од Неготино, туку имаат и навала од пациенти од целиот Тиквешки регион. Поради големиот интерес, од пред неколку дена во поликлиниката решиле да понудат и конкретна психолошка помош за надминување на последици од ковид изолација, токму она од кое голем дел од населението страдало изминатиот период.
-Кога започна пандемијата, сите тие вести и недоволно информации кои доаѓаа до јавноста од земјите каде првично се појави вирусот, делуваа навистина застрашувачки. Очекувано беше тоа да се одрази врз психата на луѓето, кај многумина остана стравот, а симптомите на анксиозност во голема мера го оневозможуваат нормалниот тек на животот.
Најчесто кај пациентите кои доаѓаат кај нас, потребни им се пет до седум терапии, односно средби, но имаме и доста потешки случаи за кои е потребно повеќе време. Со трпение и посветеност, успеваме да дојдеме до посакуваните резултати – појаснува психолог Методиева.
Додава дека работи и со тестови за психодијагностика, и интересот за нив бил голем. Вели дека ја радува тоа што јавната свест за посета на психолог веќе е на повисоко ниво, и луѓето се почесто се решаваат да побараат помош во надминувањето на проблемите. Покрај психолошкото советување, во поликлиниката нудат низа на медицински услуги, како и интернистички услуги и уролошки услуги, и имаат тим на посветени специјалисти и останат медицински персонал.
Вики Клинчарова